Црна Гора

Image

Црна Гора

Црна Гора - www.me/index.php/cg

По крајбрежјето кое се протега во должина од 293км ве води духот на Медитеранот, камени плочници, низ 6 стари градови на древни цивилизации, ботанички градини во кои насади оставале морепловци од сите краеви на светот, во карневалски паради и свечености во текот на целата година. Плажите се прочуени по нивната убавина, различност и лековити својства. Во летниот период, приморјето е центар за забава и културни случувања, музички, филмски манифестации, интернационални натпревари.

Будва - www.budva.travel

Летна метропола, со повеќе од 80 високо рангирани хотели, стотици приватни вили и пансиони, прекрасни ресторани, често пати пристаниште на холивудски јахти и место на концерти на познати музички звезди. Богата со големи плажи, широко отворени према сонцето, на кои забавите се правило. Град кој не спие. Вкусови, ароми и романтична атмосфера на Медитеранот ги кријат рестораните на Стариот град, античкиот дух и ренесансен шарм.

Петровац

На 15 минути возење од Будва, метрополата на туризмот, на главниот пат кон Бар, ова место ви нуди мир и тишина. Неодоливо градче познато по долгото шеталиште и редицата издлабени камени куќи што завршуваат во тврдината Кастио. Идеално за семеен одмор.

Бокакоторски залив

Легендата вели дека,тука, границата меѓу копното и морето ја направил богот Посејдон, по бурната ноќ помината со жени, кога, полн со чувства, сакал на светот да му подари убавина. Опкружен со планини, заливот претставува жива разгледница.Овој најјужен фјорд во Европа, со водена површина во форма на пеперутка, се состои од четири помали, меѓусебно поврзани заливи: Херцегновски, Тиватски, Рисански и Которски.

Котор

Град лавиринт – кој е на списокот на светско културно наследство. Искачувањето по скалите до неговата тврдина Сан Ѓовани  нуди поглед на зданија во барок и ренесанса, кули, музеи и цркви. Во которската населба Пераст се наоѓаат најдобро сочуваните барокни палати и острови со необична убавина и приказни од минатото: Богородица од Шкрпјела и островот Свети Ѓорѓе. Средновековната населба Прчањ е исто така неизбежна. Но, она што го прави градот посебен, се локалното население со богат дух и имагинација во ноќите на големите карневали.

Херцег Нови - www.hercegnovi.travel

Град кој привлекува уметници, сликари, писатели, филмски уметници, делумно заради убавината на заливот, делумно заради Стариот град и трагите што ги оставиле зад себе уште од 14 век Венецијанците, Турците, Шпанците, Австријците  ... Препознатлив е по неговите културно-историски споменици: Саат-кула, Тврдина Форте Маре, Канли Кула - денес домаќин на меѓународни филмски и музички фестивали, како и црковни зданија како што е  Риза Богородица од 14 век. По должината на Херцегновската ривиера, атрактивни се следните плажи во туристичките места: Мељине, Бијела, Ѓеновиќи, Кумбор Зеленика, Жањице, Миришта. До овие места најчесто се стигнува со такси-чамци, а на патот кон Мириште неизбежно е да се посети природното чудо - Сината пештера.

Тиват

Одморот тука го добива вистинското значење на зборот. Град на осамени заливи, сонце, море и магнолии. Препознатлив по убавината на островите Превлака, Островот на цвеќето и Страдиоти со туристичкото одморалиште Свети Марко и Госпа од Милости. Неодамна, ова е омилена дестинација на странските инвеститори, каде што се планираат ексклузивни туристички одморалишта, терени за голф и развој на наутички туризам.

Улцињ - http://ulcinj.travel

Бајка за прегратките на небото и морето - тоа е крајбрежјето на Улцињ. Препознатлива е по Ада Бојана, местото каде што реката Бојана се влева во Јадранот и нудистите шетаат во костумот на Адам и Ева. Тука не заостануваат и познатите големи и пространи плажи. Стариот град, раскрсницата на Ориентот и Западот, е повод да се прошета и да се слушне приказната за продажбата на робови на плоштадите, меѓу кои велат дека бил и Мугуел де Сервантес, познатиот писател на романот Дон Кихот кој инспирацијата  за женските ликови ја добил баш тука. Езерото Шаско  и остатоците од древниот град Свач (Шас) е уште една  приказна во природниот мозаик на Улцињ.

Бар - www.visitbar.org

Пристаништето или портата на Црна Гора кон светот. Изненадува со богатството на разновидност на култури, религии, нации, обичаи, питомоста на околните села. Тука летувал и Кралот Никола Петровиќ, во замокот кој денес, како центар на културни настани, собира музичари и писатели. Градот е препознатлив исто така и по Старата Маслина за која се вели дека е стара повеќе од  2000 години и се наоѓа во населбата Мировица како и најстарата институција во Црна Гора, Архиепископијата во Бар, основана во 1089 година. Древниот град издигнат на рид, на четири километри од крајбрежјето, е музеј на архитектурата.